На 14 февруари, Фондацијата „д-р Михаил Левенски“, организираше креативна и уметничка работилница, за децата од СОС-Детско Село, над 10-годишна возраст.

Работилницата беше водена од академскиот сликар Тони Шулајковски, кој со задоволство ја прифати поканата на Фондацијата да биде носител на уметничкиот дел од овој настан. 

Шулајковски, како академски сликар, ликовен педагог и ментор на ликовното студио „Арс вивенди“, за време на двочасовната работилница, ја искористи својата умешност во комуникацијата со деца, и на дечињата од СОС-Детско село, на  разбирлив и непосреден начин им пренесе дел од техниките за скицирање и боење. Низ својот ангажиран пристап тој посветено ги инспирираше и ги и насочуваше дечињата да ја преточат својата креативност и талент на хартија.

Позитивната и пријатна атмосфера беше надополнета и со кратко излагање на членовите од Фондацијата, кои ја пренесоа пораката за улогата на уметноста и важноста за поттикнување на личните, креативни процеси, со цел изразување и творење низ сите уметнички облици. 

Преку Фондацијата, освен донација на прибори за цртање и поттикнување креативност, сите дечиња добија и примерок од книгата „Како да станам свој“  од д-р Михаил Левенски, 
со персонализирана посвета од претседателот на Фондацијата, Никола Левенски Миљаниќ, како поттик за нивното себеизградување и храбро остварување на соништата.

На средбата беа направени бројни убави цртежи и една прекрасна пеперутка скицирана од уметникот Тони Шулајковски, а боена од сите деца, којашто дечињата ја подарија на креаторот на идејата за овој прекрасен настан, на Изабела ‒ еден од носителите на активностите на Фондацијата. Големите спомени се раѓаат од навидум мали желби. Така и овој прекрасен ден, како голем спомен вреден за раскажување, кој донесе радост во срцата на сите коишто учествуваа во него, се роди како желба на Изабела да го прослави својот роденден, на 14 февруари, токму тука, со децата, со убаво креативно дружење со уметноста и со пријателот на Фондацијата Тони  Шулајковски.

Инспирациите за да направиме нешто добро за себе и за другите се насекаде, треба само да го поставиме и следиме патот на реализацијата, но и да умееме да се радуваме на секоја предизвикана насмевка.

Оваа средба и оваа работилница, претставува почеток на низа креативни дружења кои Фондацијата д-р Михаил Левенски има за цел да ги реализира 
заедно со децата од СОС-Детско Село, со цел да се поддржат напорите на вработените во СОС-Детско село и да се поттикне креативното изразување кај децата преку слика, збор, дело …