„Позитивните вибрации што ги пренесов на платната и акварелите, рефлектираа во полн сјај и кореспондираа со чувствата од публиката”, изјави Емил Шулајковски, на отворањето на својата 24-та самостојна ликовна изложба.

Во извонредно пријатна и позитивна празнична атмосфера, 30 слики на Шулајковски, масла на платно и акварели, како дел од проектот „Враќање на корените“, за прв пат беа претставени пред очите на македонските љубители на уметноста.

Делата од проектот „Враќање на корените“ се оценети како врвно уметничко достигнување на Емил Шулајковски во неговите истражувања на креативната надмоќ за пренос на личните искуства на сликарски план и неговата желба за дарување и споделување убавина.

Мотивот на изложбата беше симболично претставување на нашето враќање кон прапостоењето на мајката Земја. Преку своите дела, авторот, на љубителите на ликовната уметност им претстави предели, појави и индивидуални, лични искуства на сликарски план, вешто вметнувајќи елементи од сите циклуси на својот творечкиот опус во последните 20 години.

Видно возбуден, опкружен од пријатели, колеги и бројни посетители, Шулајковски искрено и спонтано го сподели неговото доживување по отворањето на изложбата, изјавувајќи: „Позитивните вибрации што ги пренесов на платната и акварелите, рефлектираа во полн сјај и кореспондираа со чувствата од публиката“.

На отворањето на изложбата присуствуваа Емил Шулајковски заедно со академик Газанфер Бајрам, со Климе Коробар, со Камелија Левенска, како и дел од публиката, меѓу кои академик Глигор Чемерски, Весна Бајалска и други сликари и љубители на уметноста и на делата на Емил Шулајковски.