Основана фондација Д-р Михаил Левенски на 70 годишнината од неговото раѓање
Македонија

Во спонтана, срдечна и видно емотивна атмосфера, во природен амбиент како среде зелен парк кој никна на сцената на Драмски театар, прозвуче дел од творештвото на Левенски како писател, поет, драматург, психијатар, истражувач со посебна свртеност кон социјалната патологија, пријател на младите,вљубеник во природата и неуморен хуманист

Вчера во Драмскиот театар во присуство на семејството и многубројни пријатели и поддржувачи на делото на Д-р Михаил Левенски – еминентни личности од различни сфери на нашето општествено живеење од ширум Македонија, се одбележа 70 години од раѓањето на Д-р Михаил Левенски со основање на Фондација.

Во спонтана, срдечна и видно емотивна атмосфера, во природен амбиент како среде зелен парк кој никна на сцената на Драмски театар, прозвуче дел од творештвото на Левенски како писател, поет, драматург, психијатар, истражувач со посебна свртеност кон социјалната патологија, пријател на младите, вљубеник во природата и неуморен хуманист. За него говореа Валентина Божиновска, Проф.Никола Петров, Директорот на Детска Амбасада Меѓаши – Драги Змијанац, Претставник на Црвениот крст на Република Македонија, Д-р Митко Алачки и познатиот писател за деца Киро Донев, сите осврнувајќи се кон посебен сегмент од животот и делувањето на Д-р Михаил Левенски. Говорниците во своите спонтани беседења внесуваа спомени од нивното пријателување или соработка со Д-р Михаил Левенски, што ја дополни топлината на атмосферата.

Низ необичноста на сценскиот пристап – приказната за Д-р Михаил Левенски течеше преку неговата работна соба во контакт со неговите книги: Макадам, Како да станам свој, Лош препис од оригиналот –З, Создавање на светот во мене, Излез во влезот, Од утробата на гневот, Виделинки, Кажи ми тато и Приказна за растенијата..


Настанот го отвори младата пијанистка Тамара по што Бранко Ѓорчев ја отвори рабоната соба на Д-р Михаил Левенски со стихови од песните Звездопад и Река од стихозбирката Создавање на светот во мене. Од работното столче беседеше и Валентина Божиновска која даде акцент на големото човекољубие на Левенски и неговите настојувања во човекот да го пронајде и извлече најдоброто, поврзувајќи ги нишките на неговата вера во вистинските традиционални и семејни вредности, во чистата, едноставна и приземна човештина, цитирајќи дел од песната Човек Човечен од стихозбирката Лош препис од оригиналот -З. Божиновска со напластени спознанија за ликот и делото на Левенски, навраќајќи се на некогашниот серијал радио теми, го заврши обраќањето со неговата песна Благодарам.


Настанот наликуваше на средба во паркот меѓу пријателите и поддржувачите на ликот и делото на Левенски. Ова беше доловено со богатата сценографија во која доминираа зимзелени дрвја и брези, полни кошници желади како подготвени за сеење на нови дабови шуми, покриен под со есенски жолти лисје, клупи од парк, светлика, потпрен велосипед, есенски цвеќиња, спонтана раздвиженост на учесниците и изведувачите. На сцената своите познати цвеќиња на мирот ги сликаше големиот хуманист Живко Поповски Цветин голем пријател на Д-р Михаил Левенски.

Горан Алачки и Бајса со армоника и кавал ја доловија убавината на Малешевијата, Дарко Багевски на гитара и Билјана Камчева на флејта го распослаа летот на кондорот, Младата Емили од ОУ Живко Брајковски со глас на славеј ја отпеа Мојата бесмртност, што се надоврза на стиховите ЈАС ПОСТОЈАМ И ВО УТРЕШНАТА ИДНИНА ПО ПРЕТХОДНАТА НЕБИДНИНА. Како настанот се развиваше така се загуби границата меѓу тоа дали сето вечерта видено и чуено беше дар од Левенски, или дар за Левенски.

Жолтите лисја со кои беше прекриен Паркот – сцена, шушкаа под чекорите на изведувачите и говорниците – посетители на паркот, внесувајќи дополнителна лирска нота на емотивниот настан, што пред самиот крајот бликна со нов живот и надеж преку разиграната група дечиња предводена од 5годишниот Михаил – внукот на Д-р Левенски, кои ја исполнија сцената со својата игра.

Пред самиот крај, од полна сцена разиграни деца, полни клупи пријатели, тивко и спонтано на сцена влегоа главните идеотворци на Фондацијата Камелија Левенска како нејзин Претседател и Никола Левенски Миљаниќ како нејзин Директор кои покрај сопругата на Д-р Левенски – Горица Левенска го сочинуваат Управниот Одбор на Фондацијата.

Никола кој е внук на Д-р Михаил Левенски, дипломиран Менаџер на Факултетот з акултура и медиуми во Белград, од пред две години својата кариера ја насочи по стапките на дедо му – во медицината, а во последните години работеше со него на третото издание на книгата – Како да станам свој. Никола ја изрази својата благодарност кон сите што со нивното присуство потврдуваат дека можеме заедно да го продолжиме делото на д-р Михаил Левенски кое и понатаму ќе живее, затоа на светот му требаат добри луѓе кои ќе се грижат за неговата иднина. Животот е како возење велосипед, рече Никола, на почетокот ви требаат помошни тркалца, треба некој да ве држи, да ве подбутне, да ви каже како да управувате. Јас покрај мене го имав него и со него имав се. Низ продолжувањето на неговото дело преку идната работа на Фондацијата целта ни е пред се на што повеќе млади да им помогнеме без помошни трклаца со самоувереност и рамнотежа да го возат својот велосипед – да одат по патот кон своето себеизградување.

Камелија Левенска заблагодарувајќи се на сите кои помогнаа за реализацијата на овој настан во кој е внесена искрена љубов и енергија, напомена дека Фондацијата беше иднина на болката од загубата, сега кога таа е сегашност се стремиме кон нова иднина, а тоа се делата кои ќе се реализираат под името на Д-р Михаил Левенски, согласно неговите животни начела кои почиваат на ЧОВЕКОЉУБИЕ И ПРИРОДОЉУБИЕ. Ако земјата се радува во неа никливо во неа кога се засадува, човештината се радува кога од човек во човек се вгнездува, а на тоа низ различни приоди ќе биде посветена и Фондацијата која го носи името на Д-р Михаил Левенски.

Настанот за одбележување на 70години од раѓањето на Д-р Михаил Левенски помина во еден здив, та како ретко кога, присутните едноставно останаа да седат како да сакаа да видат и чујат уште дел од приказната од топлината на мигот со кој беше доловен дел од богатството на духот на Д-р Михаил Левенски. Потоа се редеа честитки до семејството за идеата за основање Фондација и изразување отвореност за поддршка и соработка, како и искрени желби за учество во активности под име на Фондацијата. Многубројни се белешките во книгата на спомени меѓу кои:

– Денес се уверив дека постои рајот и дека бесмртност значи да создадеш дела потомство што ќе те оживее (Весна Дамчевска). Живко Поповски Цветин покрај една од неговите минијатури која ја внесе во книгата на спомени напиша: Ден – роденден на бесмртниот човек со насмевка без омраза едноставен и сложен, тивок и гласен, силен творец, пријател искрен, хуманист… ЧОВЕК…Д-р Михаил Левенски. Иван Карадак напиша Големи се само оние луѓе, кои и по смтраа остануваат живи

Само со дела се докажува и надживува биолошкото постоење – векот, пишуваше и зборуваше Левенски и вистина, тој со неговите дела го докажа и го надживеа своето биолошко постоење, а понатамошното работење на Фондацијата и ќе го продолжи.

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

sixteen + fourteen =

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.