
Во Музејот на современата уметност во Скопје отворена е самостојна изложба со наслов ОТАДЕ ЦРНИЛОТО | BEYOND THE BLACKNESS на македонскиот уметник ВЕЛИМИР ЖЕРНОВСКИ.
Преку инспиративното патување низ космичкиот наратив посетителите имаат можност да го погледнат светот од поинаков агол. Да навлезат во нови светови, отворени за излез од претпоставената безизлезност. Пораката за можните иднини се пренесува низ просторни инсталации од светло, објекти и видео продукција. Инспириран од популарните слики на НАСА / Националната астрономска и вселенска администрација / и ЕСА / Европската вселенска агенција / Контрастот се гради преку серија на видеопродукции од пејзажи на нашата планета и осамени космонаути во вселената со минималистички естетски пристап. Овој проект го отсликува меланхоличниот пат на човековата интеракција со природата. Вонземската атмосфера ќе ве инспирира да погледнете отаде црнилото.
На изложбата се претставени 3D испечатени скулптури изработени од биоразградлив и биоактивен термопластичен материјал, добиен од обновливи билошки извори.
Жерновски досега има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија, Европа и САД: Њујорк (2010 | 2012), Париз (2011), Виена (2009 | 2011), Фрајбург (2009), Скопје (2006 | 2007 | 2010 | 2012 | 2013 | 2018); Белград (2014); Учествувал на групни изложби во Словенија, Косово, Австрија, Германија, Холандија, Македонија, Србија, Турција и САД. Тој курирал и ко-курараал неколку проекти и изложби и учествувал во многу меѓународни соработки.
Добитник е на наградите (2009 Young artists biennale, Музеј на современа уметност, Скопје), (2012 награда ДЕНЕС) како и (2016 Ladislav Barisich Award, AICA International Association of Art Critics Macedonia).