Ликот и делото на Д-р Михаил Левенски продолжува да живее преку фондација со неговото име на 70 годишнината од неговото раѓање.

На 10ти ноември 2012 година, во Драмскиот театар во Скопје во присуство на семејството и многубројни пријатели и поддржувачи на делото на Левенски се одбележа 70 години од раѓањето на Михаил Левенски со основање на фондација.

Во спонтана, срдечна и видно емотивна атмосфера, во природен амбиент како среде зелен парк кој никна на сцената на Драмски театар, прозвуче дел од творештвото на Левенски како писател, поет, драматург, психијатар, истражувач со посебна свртеност кон социјалната патологија, пријател на младите, вљубеник во природата и неуморен хуманист.

Фондацијата е посветена на реализација на проекти од различни области со кои ќе се унапреди квалитетот на живеење на посебни категории луѓе гледано од демографски или социолошки аспект.

Ние веруваме дека во основата на човековото семе е ЧОВЕКОЉУБИЕТО И ПРИРОДОЉУБИЕТО. Веруваме дека менувајќи се себеси кон добро, позитивно ќе ја промениме средината. Веруваме дека за да имаме иднина треба да го чуваме и почитуваме она што било пред нас и да сме активни и будни творци во денешнината.

 

Слоганот на фондацијата е ИНСПИРИРАЈ, МОТИВИРАЈ, СОЗДАВАЈ!